Вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот е од клучно значење без одлагање, рече претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19 „Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната“.
Самитот е организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, како што рече претседателот Пендаровски, сите треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини.
Шефот на државата изрази поддршка на заедничките глобални цели за справување со пандемијата од Ковид-19, презентирани од американскиот претседател Бајден, оценувајќи ги како клучни за запирање на оваа закана.
-Повеќе од една година, сите ние живееме со катастрофалните последици од пандемијата, сиромашните и ранливите поединци и општества, се разбира, несразмерно повеќе од другите. Ниту една земја не може сама да ја запре оваа пандемија. Потребно е да соработуваме, да се поддржуваме едни со други и да запомниме дека Ковид-19 не е под контрола никаде се додека не е под контрола секаде. … Македонија ги поддржува заедничките глобални цели кои беа презентирани денес од страна на претседателот на САД, Џо Бајден, и ги смета за клучни за да се запре оваа закана, рече Пендаровски во обраќањето.
Тој додаде дека 55 отсто од граѓаните во земјава се веќе вакцинирани со барем една доза.
-Додека јас зборувам, 55 проценти од населението во … Македонија веќе е вакцинирано со барем една доза. Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70 проценти од населението до крајот на оваа година. Меѓутоа, за да ја достигнеме оваа цел на глобално ниво што е можно поскоро, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини. А, во исто време, треба да се бориме со деструктивните ефекти од лажните вести и кампањите за дезинформација со ширење на вистина и транспарентност, истакна претседателот.
Вакцинацијата, додаде, сама по себе не е доволна. За да го излечиме светот, како што нагласи претседателот Пендаровски, мора да поставиме основи на поотпорен, интегриран, праведен и инклузивен глобален здравствен систем кој ќе ни помогне да спречиме, откриеме, реагираме и закрепнеме од какви било идни пандемии или други глобални здравствени закани.
МИА