Проблеми во децентрализацијата постојат, истакна Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, во интервју за Макфакс.

– Ние имаме проблем што и ова ниво на децентрализација локалните самоуправи не успеваат да го менаџираат. Станува збор за недостиг на капацитет кај човечките ресурси, станува збор за популизам. Тука е покажано незнаење, неумеење или несакање, додава Пенов.

Тој смета дека е ставен крај на политичките пресметки и на кавгите во Град Скопје.

– Се надевам дека го допревме дното во тие расправии во Град Скопје и дека ќе почне нешто да се случува. Секогаш сум оптимист иако немам многу факти за да го потврдам мојот оптимизам. Морам да кажам дека сум изненаден од нивото со кое (градоначалничката Данела) Арсовска ги владее проектите. На маса ги владее. И не ми е јасно како со такво владеење во детали на проектите резултатите ги нема. Од владин аспект ние сакаме да ги лоцираме проблемите онаму кај што можеме да влеземе. Очигледно ова е политичка расправа и во неа нема да влеземе да го одврзуваме проблемот. Ние сакаме проекти. Проекти има, но тие не се реализираат, дополни Пенов.

На прашањето дали може да се случи нова територијална поделба, Пенов вели:

– Се работи на неа, но во оваа политичка атмосфера на блокиран парламент и на запалена политичка атмосфера мислам дека една таква тема ќе ја разгори само политичката битка како што беше во 2004 година. Денес се наметнува потребата од промена на односите поради резултатите од пописот, има општини што се намалуваат. Се работи на таа т.н. асиметрична децентрализација, вели Пенов.