Доколку се намали воениот притисок од страна на САД и сојузниците, терористите од Исламска држава можат да ги вратат загубените позиции за помалку од една година, се наведува во извештај што Пентагон планира да го објави следната недела, дознава Ен-Би-Си Њуз.
Слично предупредување синоќа дојде и од американскиот Сенат каде неколку сенатори предложија измена во предлог-законот за политиката на САД кон Блискиот исток, која предупредува да не се намалува военото присуство на САД во регионот.
Телевизискиот канал дознава дека во кварталниот извештај на својот генерален инспектор за воената операција „Непоколеблива одлучност“, Пентагон предупредува дека ИД е способна да ги освои изгубените територии за шест до 12 месеци. Извештајот е подготвен со користење на информации од воените и владините органи на САД, како и од отворени извори.
Админстрацијата на Трамп, пак, претходно објави дека ИД во Сирија е победена.
– Јас би рекол дека повеќе од 99,5 отсто од териториите контролирани од Исламската држава им се вратени на Сиријците. А во неделите што следуваат таа бројка ќе биде 100 отсто, изјави Патрик Шанахан, вршител на должност секретар за одбрана.
Тој истакна дека ИД повеќе не може да дејствува ефективно затоа што силите на коалицијата „уништиле поголем дел од раководството“ на џихадистичката група.
Американскиот претседател Доналд Трамп стави до знаење дека нема намера да ја промени одлуката за повлекување на американската војска од Сирија. Таму моментално се наоѓаат околу три илјади војници, но нивниот број се зголеми поради поддршката потребна за реализација на повлекувањето.
„Непоколеблива одлучност“ е воена операција за елиминација на ИД која започна во јуни 2014 година на териториите на Ирак и Сирија. Во неа во најмала мерка учествуваат 20 земји во коалиција предводена од САД. Американската војска во регионот беше префрлена во октомври 2015 година.
На 19 декември лани Трамп објави за скорешно повлекување на американската војска од Сирија.
– Главната поставена цел – уништување на ИД, е исполнета, изјави тогаш претседателот Трамп.