Џихадистичката група Исламска држава ги зајакнува своите позиции во Ирак и е во процес на преродба во Сирија, се наведува во денеска објавениот извештај на генералниот инспектор при Министерството за одбрана на САД, Глен Фајн, кој подготвува редовни отчети за текот на операцијата „Непоколеблива одлучност“, која се спроведува во Ирак и Сирија од силите на коалицијата предводена од Вашингтон.
– И покрај фактот дека територијалниот „калифат“ беше загубен, ИД ги зајакнува своите можности за бунтовнички дејствија во Ирак, а исто така во последните три месеци е во процес на преродба во Сирија, се нагласува во документот.
Извештајот го опфаќа периодот од 1 април до 30 јуни 2019 година.
– Намаленото присуство на американските сили доведе до намалување на поддршката со која располагаат силите на сојузниците на САД во Сирија, во момент кога им е неопходна поголема подготовка и оружје, со цел да одговорат на регенерирањето на ИД, наведува Фајн.
Според него, ИД е инволвирана и во сирискиот бегалски камп Ел Хол.
– ИД веројатно работи на мобилизирање нови членови меѓу лицата кои живеат во кампот, потенцира генералниот инспектор на Пентагон.
На 19 декември 2018 година американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за повлекување на војската од Сирија. Сепак, високи претставници на Пентагон бараат од Трамп да ја преразгледа одлуката и да остави дел од американските сили во Сирија.