Американската влада следи повеќе од 650 потенцијални случаи на неидентификувани воздушни феномени, познати како НЛО, рече Шон Киркпатрик, директор на Канцеларијата за решавање на аномалии во сите домени (ААРО) на Пентагон.
Киркпатрик вчера пред поткомитетот за вооружени служби на Сенатот изјави дека бројот на такви видувања се зголемил од 350 пријавени во некласифицираниот разузнавачки извештај за неидентификувани воздушни феномени објавен претходно оваа година.
„Околу половина од 650 случаи им дадовме приоритет на набљудување поради интересна аномална вредност. Сега треба да ги разгледаме и да утврдиме за колку имаме вистински податоци“, рече Киркпатрик, додавајќи дека неговата канцеларија им помага на Пентагон и разузнавачките агенции да идентификуваат нови технологии од странски земји.
Во исто време, тој ги објави декласифицираните видеа од две видувања на НЛО; едниот е решен и другиот за кој се уште нема објаснување. Првото видео покажува мала топка што прелетала преку екранот на камерата на дрон MQ-9 на Блискиот Исток во 2022 година. Камерата го следела објектот додека се движел низ небото во и надвор од погледот.
Киркпатрик објасни дека овој случај е нерешен бидејќи немало други докази освен видеото. „Ќе биде речиси невозможно целосно да се идентификува овој феномен само врз основа на видео“, рече тој.
Другото видео покажува глетка од Јужна Азија претходно оваа година, во која објектот прелетал покрај два дрона MQ-9. Откако експертите го прегледале видеото кадар по кадар, сфатиле дека се работи за „слика во сенка“. „Ова е инфрацрвено, а ова е топлински потпис на мотор на патнички авион кој случајно летал во близина на местото каде што биле двете беспилотни летала“, објасни тој.
„ААРО досега не најде веродостојни докази за вонземска активност, вонземска технологија или објекти кои не се однесуваат според познатите закони на физиката“,рече Киркпатрик пред сенаторите, според Си-Ен-Ен.
Членовите на Сенатот потоа го прашаа Киркпатрик за можноста за нови технологии од странски земји како Русија или Кина. Тој одговори дека малиот број видувања на неидентификувани воздушни феномени навистина може да биде доказ за потенцијален технолошки напредок. Ваквите случаи, рече тој, се проследуваат до разузнавачката служба за понатамошна истрага.
„Дали има технолошки способности кои би можеле да се употребат против нас како оружје или во разузнавачка смисла? Апсолутно. Дали имам докази дека е така во овие случаи? Не, но некои фактори ме загрижуваат“, рече Киркпатрик.
НЛО (неидентификувани летечки објекти) се предмети или појави кои по стручно испитување сè уште не можат да се објаснат на конвенционален начин. Ова не значи дека автоматски се работи за вонземјански предмети или некои натприродни сили, но дека моментално нема научно објаснување за видувањата.
Во повеќето случаи, по поблиска истрага, НЛО се откриваат како природни феномени, како што се топчести молњи, метеоролошки балони и уреди, како што се странски шпионски бродови и дронови или добри фотомонтажи.
Иако во јавноста ваквите мистериозни глетки најчесто се нарекуваат НЛО, помодерниот термин кој се користи во американските одбранбени и разузнавачки кругови е „неидентификувани воздушни феномени (УАП)“.