Присуството на САД во Сирија останува се додека не биде гарантиран конечен пораз на терористичката групација Исламска држава, изјави денеска американскиот министер за одбрана Марк Еспер.
-Немам кристална топка што ја претскажува иднината. Мислам дека ќе останеме се додека не можеме да гарантираме конечен пораз на Исламската држава, изјави тој.
Моментално, американската војска во Сирија е разместена во 11 бази и контролни пунктови.
Американците се вратија во 6 од претходно напуштените 16 бази по воената операција на Турција во регионот. Во 4 од тие бази, расположени во реони под контрола на Курдите покрај границата со Турција, има околу 200 француски војници. Американците ги засилуваат своите позиции и на границата со Ирак, како и во областите каде има наоѓалишта на нафта.
Според некои регионални медиуми, американските и француските војници, распоредени на неколку бази во реоните Деир-ез-Зоре, Хасеке и Раке вршат обука на припадници на одреди за народна самоодбрана.
Како што е веќе познато, на почетокот на октомври Турција започна воена операција во североисточна Сирија. Турската инвазија беше запрена по преговорите со САД и Русија. Беа договорени нови зони на влијание, и спроведени американски и турско-руски патроли на териториите ослободени од Курдите.