Околу 700 денари плус на сметката ќе добијат пензионерите со најниски пензии, со предвиденото покачување во септември. Од 333.000 пензионери, 94 000 земаат пензија во првата група која ги опфаќа пензионерите до 13 илјади и 300 денари. се вели во прилогот на ТВ 24.
Тука влегуваат земјоделците, примателите на семејна пензија како и лицата со хуманитарната пензија во износ од 6 илјади денари. Настрана од пензионерите што влегуваат во првата група, околу 150 илјади пензионери од таканаречената втора и трета група месецот „го туркаат“ со пензии до 20.000 денари. Точно овие пензионери се најзагрижените и најреволтираните за најавеното зголемување од само 6,8% на пензиите во септември, бидејќи сметаат дека инфлацијата со поголем процент им ја јаде пензијата.
„Ќе значи за четврт бурек и еден јогурт, толку ќе ги покачат ништо друго. Пензионерскиот стандард е никаков“.
„Нема ни пола ќеса да се наполни, а на нив (функционерите) 78% си покачија, па нека ни ги дадат тие нивните 78% на нас, а нека ги земат пензиите од 10 000 и 12 000 денари. Значи најмала, минимална пензија треба да биде 35 000 денари за да можеме да преживееме. Јас ќе добијам 600 денари покачување, со тие 600 денари покачување нека пробаат фунцкионерите да си плаќаат сметки“.
„Јас шест години сум пензионер годишно немам по 1 000ка покачено и како да бидам задоволен. Има некои 100% покачено и која е таа споредба?
„Тоа покачување или порамнување што го кажуваат не знам колкав е бројот отприлика пензии што земаат од 15.000 денари е ништо. Седумстотини денари кај мене ќе биде покачувањето. Сметајте на шест месеци – 700 денари покачување, колку пари се тоа, а истовремено се оди нагоре со цените на јадењето, еве летово може сме спасени ќе смислиш нешто ќе земеш ќе проживееш една недела, но не е само една недела, што потоа“
И додека дел од пензионерите мака мачат да го поминат месецот, Владата се фали, дека пензиите растат, а инфлацијата се намалувала.
„Со септемвриската пензија, 330.000 пензионери ќе имаат повисоки месечни примања.Ова е уште една потврда за успешноста на економските мерки и политики на Владата предводена од СДСМ, инфлацијата се намалува, платите и пензиите растат.“ – вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
Со измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, се донесе нова методологија за пресметување на растот на пензиите. Со неа, усогласувањето на пензиите ќе се прави два пати годишно, во март и септември, а тоа ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50%. Последното покачување на пензиите беше во март за 8,4%, се истакнува во прилогот на ТВ 24.