Антонио Ла Кава на уникатен начин ја буди љубовта кон пишаниот збор кај најмалите.
Посветениот Италијанец го прилагоди своето возило, за да може да постави полици за книгите и го нарече „Библиомобил“. Сите книги се негова лична инвестиција.
Веќе 16 години, Антонио секоја недела поминува осум различни села во италијанската покраина Базиликата, овозможувајќи им на децата од посиромашните предели да откриваат нови светови и приказни низ книгите.
„Го поминав својот живот работејќи со најмладите, поттикнувајќи ги повеќе да читаат, а сега одлучив да направам нешто конкретно и да им ги носам книгите директно во рацете“, вели Ла Кава.
„Книгите се од суштинско значење. Без книги, детето честопати е осамено”, додава Антонио.
Антонио објаснува дека бил разочаран што луѓето во Италија не читаат доволно книги. „Бев огорчен, како граѓанин и како учител, поради идејата дека стареам во земја во која луѓето слабо читаат. Библиомобилот е создаден со идејата да се подигне свеста за оваа опасност. Не можеме да се одречеме од радоста која ни ја дава книгата“, изјави тој.
Антонио ги инспирира децата и сами да пишуваат книги и потоа нивните дела им ги носи на децата од други села.