Првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб е направена денеска.
Со неа, како што информираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се опфатени 4.926 осигуреници и треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет.
Царовска информираше дека согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.
-На ваков начин пензискиот систем станува многу посигурен, стабилен и одржлив. Иако навидум се прават мали поместувања во 2019 година се очекува намалување на дупката во Фондот за ПИОМ за две милијарди денари што е значителна бројка и ќе доведе до порамнување на линијата и постепено затворање на дупката што на среден рок треба да доведе до стабилизација на системот, рече на царовска на прес-конференцијата по работниот состанок на Царовска и директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.
Директорот на Фондот за ПИОМ Шаип Зенељи истакна дека сите граѓани ќе бидат обесштетени и оти ќе им бидат префрлени на сметка во вториот пензиски столб. Според него, средствата што во изминатите години не биле уплаќани на нивни сметки, не се изнесени од ПИОМ, туку останувале во Фондот и се користеле наменски.
Неизвршувањето на уплатите според него е резултат на системски пропуст кој се должи на сложеноста на пензискиот систем.
– Пензискиот систем е еден од најсложените системи за водење и за евиденции. Најголем дел од податоците се добиваат од надлежни надворешни иснтитуции, а Фондот ги контролира, споредува и обработува податоците за осигурениците да обезбедат право на пензија. Од 2006 година Фондот врши распределба на членството и придонес во вториот столб. Водењето и користење на една база на податоци е сложен процес и можни се пропусти кои произлегуваат од обемот и содржината на податоци, како и од честата измена на законската регулатива за сите обрски кои имаат влијание на остварувањето на правата, рече Зенељи.
Министерката за труд останува на ставот дека Министерството не може да ја лоцира одговорноста, бидејќи, вели, е управен орган, а не орган за истрага или прогон. До податоците, рече, се дошло со обемна анализа, а документацијата е предадена до ОЈО која треба да ја утврди одговорноста.