Започнавме со реални вложувања во инфраструктурата и ја поставивме рамката за стратешки, рамномерен развој на државата, оцени денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински во отчет за сработеното во правата година од мандатот.

Перински упати на двата јавни повика преку Потпрограмата АА за инфраструктурни општински проекти на кои општините имаа околу 1200 апликации. Вкупната инвестиција од првиот и вториот јавен повик е околу 20 милијарди денари, што, посочи министерот, претставува досега најголема распределба на јавни средства за поддршка на локалниот развој. Во рамки на првиот јавен повик за 2024 година се одобрени за финансирање 288 проекти од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика. На вториот јавен повик кој заврши на 30 април годинава пристигнаа 887 проектни апликации од 80 општини, за кои заврши фазата на евалуација.

– Овој исклучително голем одзив претставува јасен показател за високата заинтересираност на општините за инвестициски проекти и потврда дека одлуката на Владата за спроведување на оваа мерка е навремена, стратешки исправна и одговара на реалните потреби на општините. Дополнително, можам да споделам дека се одобрени за финансирање вкупно 829 проекти во вредност од 13.868.138.877 денари, рече Перински.

Тој наброја дека преку Програмата за рамномерен регионален развој, во 2024 и 2025 година се одобрени за финансирање 176 проекти насочени кон унапредување на развојот на планските региони, селата и урбаните подрачја, како и подрачјата со специфични развојни потреби. Поддржани се и 38 прокети од 87.925.000 денари, преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година.

Во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка рече дека завршила имплементацијата на 10 регионални проекти во сите плански региони.

– Преку активностите на дел од овие проекти ја реконструиравме специјализираната болница за нефрологија во Струга, опремивме современ центар за физикална терапија во болницата Св. Еразмо, имплементиравме проект за заштита и превенција од пожари во микрорегионот, Општини Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце и би го споменал и проектот реконструкција и адаптација на Дом за стари лица, Берово, посочи министерот за локална самоуправа.

Во рамки на поддршката на дигитализацијата на општинските услуги, наведе дека преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, се реализираат активности во координација со Министерството за дигитална трансформација, со цел развој на целосен „патоказ“ за дигитализација на локалните услуги и изработка на каталог на Е-услуги за вклучување во националниот портал uslugi.gov.mk.

Перински  во отчетот соопшти дека се во завршна фаза и осумте проекти за локален економски и социјален развој, во вредност од 336.762.274 денари, финансии од  Делегацијата на ЕУ. Дел од проектите од оваа програма се: Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово, Чист Аеродром – Нула цврст отпад во Општина Аеродром, Општина Охрид станува зелена, паметна, иновативна и Струмица – Паметен велосипедски град.

Потсети дека Министерството го финализираше текстот на Закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, кој го помина второто читање во Собранието и повторно повика на поддршка од опозициските ДУИ и СДСМ  поради потребното Бадентерово мнозинство.

За формирање на најавениот ресурсен центар за поддршка на општините соопшти дека изготвена е физибилити студија, а фокусот е ставен на зајакнување на општинските административни капацитети, поддршка во проектен менаџмент и забрзување на дигиталната трансформација. Концептот за ресурсен центар е усвоен од Владата и се предвидени 5.000.000 денари во Програмата за децентрализација од буџетот на министерството.

Според Перионски, преку ИПА 3 инструментот за прекугранична соработка, се постигнуваат значајни резултати кои имаат директно влијание во поддршка на одржлив развој и зајакнување на добрососедските односи.  Од активните програмите со соседните држави ги истакна изградбата на граничниот премин Клепало (Берово – Струмјани) којшто треба да придонесе кон економски развој на источниот регион преку олеснета трговија и туризам, како и воспоставувањето на граничниот премин Маркова Нога (Преспа)  иницијатива што ќе ја подобри комуникацијата со Грција, ќе го поттикне туризмот и ќе го олесни пристапот на локалното население од Преспанскиот регион.

– Она што го спроведовме изминатата година беше насочено кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани, при што остануваме цврсто посветени на нивните потреби и очекувањ, рече министерот за локала самоуправа Затко Перински во отчетот за правата година од мандатот на Владата.

фото: Влада