Перуанската претседателска кандидатка Кеико Фуџимори се обидува преку правни средства да го избегне својот изборен пораз и да ја уништи довербата во веќе слабата перуанска демократија, наведува Исак Риско.
Педро Кастиљо, селски учител и левичар, е избран за нов претседател на Перу. Фактот што тој се уште не може официјално да биде прогласен за победник на изборите, делумно се должи на малата разлика во изборните резултати. Друга пречка е што противникот на Кастиљо одбива да го признае изборниот пораз.Непосредно пред крајот на пребројувањето на гласовите, контроверзниот кандидат на десницата, Кеико Фуџимори, почна невидена серија тужби против прелиминарните резултати од изборите. Поддржана од цел тим адвокати, непосредно пред крајниот рок за поведување на правната постапка, Фуџимори поднесе жалба против резултатите на 802 избирачки места.
Според неа, овој приговор вклучува околу 200.000 гласови, пренесе Дојче веле.По пребројувањето на над 99 проценти од гласачките ливчиња, Кастиљо води со околу 71.000 гласови и практично е невозможно Фуџимори да го стигне. Меѓудругото, бидејќи малкуте гласови што треба да се пребројат, главно, доаѓаат од сиромашните, рурални региони, каде Кастиљо досега главно победуваше.Фуџимори јавно проговори за наводна систематска изборна измама во корист на нејзиниот противник. Меѓутоа, освен неколку случаи за неправилности, таа не обезбеди никакви докази.Во понеделникот меѓународните набудувачи ги пофалија изборите како транспарентни и фер.
Претседавачот со Врховната изборна инспекција зборуваше за историски неверојатен број тужби, но вети дека ќе бидат решени. Ова може да трае со денови, па дури и со недели.Во меѓувреме, на улиците расте незадоволството. Приврзаниците од двата табора секојдневно протестираат, за да си обезбедат победа. Се разбира, Фуџимори има право легално да ги оспори изборните резултати, доколку нејзиниот противкандидат незаконски добил гласови.
Досега, меѓутоа, сите индикации се дека таа само ги користи сите средства за да дојде до власта – дури и иако демократијата се оштетува во овој процес.Нејзиното однесување потсетува на начинот на кој Доналд Трамп се обиде да ја спречи изборната победа на неговиот противник и сегашен американски претседател Џозеф Бајден на крајот на 2020 година.Перу помина низ крајно поларизирани претседателски избори. Милиони Перуанци не веруваа во ниту еден кандидат.Од една страна, тука е сиромашниот селски учител Кастиљо, кој заговара левичарски, популистички ставови и кој повремено покажуваше малку почит кон демократските институции.
Од другата страна е ќерката на диктаторот Фуџимори, која го бранеше корумпираниот и авторитарен режим на нејзиниот татко помеѓу 1990 и 2000 година, за потоа и самата да биде обвинета за корупција.Со својот сегашен настап, Кеико Фуџимори се чини ги потврдува најлошите стравови на нејзините критичари. Дека таа – поради нејзината непропорционално поголема финансиска моќ и силната поддршка од повеќето во државната елита – е поголема опасност за кревката перуанска демократија.