Денеска, на седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, наместо сериозна и суштинска дебата за Националната стратегија за превенција и заштита од насилство врз жени – тема која бара одговорност, зрелост и фокус, сведочевме на обид за евтин политички перформанс.

Иако дел од колешките од опозицијата ретко учествуваат во работата на ова тело, а често отсуствуваат кога се носат важни одлуки, денес се појавија со очигледна намера да создадат хаос и да ја пренасочат дебатата кон теми што носат лични политички поени.

Во момент кога зборуваме за заштита на жени од насилство, прашање што допира до реални животи и судбини, ваквото однесување не е само несериозно, туку и длабоко неодговорно.

Наместо придонес, добивме блокада. Наместо решенија, добивме театар.

Барањата што се пласираа на седницата не беа во функција на подобрување на стратегијата, туку во функција на личен ПР.

Ова не е тема за политички маркетинг. Ова е тема што бара работа, посветеност и континуитет, нешто што очигледно изостанува кај оние кои се појавуваат само кога има камери.

Граѓаните очекуваат одговорни претставници, а не актери во дневно-политички претстави. Време е сериозните теми да престанат да бидат алатка за евтини поени и да станат она што навистина треба да бидат – приоритет за заштита и унапредување на животите на жените.

Жените бараат заштита и заштитата е она што им го должиме, на секој јазик!