Москва вчера ги отфрли тврдењата на Киев дека кинески државјани се борат заедно со руските сили во Украина, пренесе ДПА.
-Тоа не е така, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за руските медиуми.
Песков рече дека Кина има „урамнотежена“ позиција во војната, иако Кина е „стратешки партнер и пријател“ на Москва.
Неговата изјава следеше откако украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека кинески борци учествуваат во конфликтот на страната на Русија.
-Зеленски не е во право, рече Песков.
И покрај декларираната неутралност, Кина се соочи со критики за испорака на стоки во Русија кои се сметаат за витални за нејзиниот воено-индустриски комплекс, како што се компонентите што се користат во производството на дронови.
Зеленски на почетокот на оваа недела прикажа дека во источна Украина се уапсени двајца кинески државјани кои се борат на страната на Русија. Тој подоцна тврдеше дека Киев идентификувал 155 кинески државјани кои се бореле за Русија.
Украинскиот претседател рече дека нивното присуство е во спротивност со официјалната позиција на Пекинг за неутралност и неговите постојани повици да се избегне ескалација на војната.
Кина категорично ги отфрли наводите на Зеленски, пренесе ДПА.