Треба да се види дали извештајот на американскиот специјален советник Роберт Малер за резултатите од истрагата за наводна вмешаност на Русија во американските избори 2016 година е воопшто вреден за анализа и дали со тој извештај треба да се запознае рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
– Неопходно е да се разгледа документот и да се согледа дали содржи нешто што е вредно за анализа, изјави Песков, одговарајќи на прашањето дали Путин ќе биде брифиран за извештајот.
Американскиот државен обвинител Вилијам Бар претходно изјави дека истрагата на Малер не утврдила дека американскиот претседател Доналд Трамп или членовите на неговиот предизборен штаб соработувале со Русија за време на предизборната кампања.
Американското Министерство за правда соопшти дека денеска во јавност ќе биде објавен конечниот извештај на Малер. Редигираниот извештај прво ќе му биде предаден на Конгресот, по што постапно ќе биде објавуван на официјалната веб страна на Министерството.
Бар најави дека редигирањето ќе има четири категории: материјали за голема порота, класифициран материјал на американските разузнавачки агенции или сојузници, детали кои би можеле да ги загрозат тековните истраги и информации кои неоправдано би ја загрозиле приватноста и угледот на периферни трети страни, јави „Гардијан“.
Првата реакција на Доналд Трамп по објавената вест беше објава на Твитер каде напиша „злоставување на Претседателот“.
Меѓу останатите објави на оваа тема, американскиот претседател напиша и „нема соработка (дослух) и нема опструкција (на правдата).