Нема ништо чудно во официјалната руска статистика за стапката на смртност од коронавирусот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на тврдењата на Светската здравствена организација (СЗО) дека стапката на смртност од Ковид-19 во Русија е невообичаено ниска во споредба со многу други земји.

Песков, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека телото одговорно за надгледување на работата на руските санитарни служби е во контакт со СЗО и дека ќе одговари на сите прашања на оваа организација.

Портпаролот на Кремљ, како што наведува Тасс, одби да дава коментар за методолошките разлики во проценките на стапката на смртност на коронавирусот, додавајќи дека се надева оти руските епидемиолози ќе ги дадат соодветните појаснувања.

Во Русија досега се потврдени 502.436 случаи на коронавирус, а досега умреа 6.532 лица, додека 261.150 се опоравиле од Ковид-19.