Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков обвиненијата за нарушување на воздушниот простор на земји-членки на НАТО ги оцени како „хистерија“.

– Постои таква хистерија за нашите воени пилоти кои наводно кршат одредени правила и упаѓаат во воздушен простор. Таквите тврдења се неосновани, посочи Песков, додавајќи оти руската воена авијација се придржува до сите правила и прописи за воздухопловството.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера изјави дека земјите-членки на Алијансата треба да ги соборуваат авионите кои го нарушуваат нивниот воздушен простор.

Додека НАТО вчера ја предупреди Русија да прекине со нарушување на воздушниот простор долж нејзиното источно крило.

– Русија сноси целосна одговорност за овие дејствија, кои се ескалирачки, ризикуваат погрешна процена и загрозуваат животи. Тие мора да престанат, се наведува во вчерашното соопштението на Северноатлантската алијанса.

НАТО во соопштението посочува дека Русија не треба да се сомнева во одлучноста на сојузниците.

– Русија не смее да се сомнева: НАТО и сојузниците, во согласност со меѓународното право, ќе ги користат сите потребни воени и невоени средства за да се одбранат и да ги одвратат сите закани од сите правци. Ќе продолжиме да одговараме на начин, во време и во домен по наш избор. Нашата посветеност на Член 5 е несомнена, се наведува во соопштението.