Рускиот претседател Владимир Путин останува заинтересиран и отворен за решавање на ситуацијата во Украина преку преговори и очекува да продолжи соработката со САД по ова прашање, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Путин, како и (американскиот претседател Доналд) Трамп, го задржува својот интерес и отвореност за насочување на целата украинска ситуација кон мирно решение – рече Песков во интервју за телевизијата „Русија 1“.

Песков рече дека Русија очекува „САД и претседателот Трамп лично да вложат напори да помогнат во ова прашање“.

-Па, тогаш ќе видиме што ќе произлезе од тоа – рече Песков.

Тој додаде дека Обединетото Кралство детално го информирало Трамп, за време на неговата официјална посета на земјата претходно оваа недела, за своите планови да продолжи со притисокот врз Русија и дополнително да ги заостри санкциите.

-Ова не е она што ќе придонесе за решението – рече Песков, кој ја нарече Велика Британија „еден од лидерите на провоениот табор“.

Тој рече дека „на претседателот Трамп веројатно многу му било кажано во Велика Британија за нивните планови да продолжат да вршат притисок врз Русија, да продолжат да ги заоструваат санкциите, нелегалните санкции, да продолжат да ја потиснуваат Русија на секој начин“.