Москва ги поддржува напорите на унгарскиот премиер Виктор Орбан насочени кон изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

„Претпоставуваме дека консултациите за воспоставување мир ќе продолжат, целосно ги поддржуваме напорите на Орбан за изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници“, рече Песков на прес-конференција, пренесува „РИА новости“.

Како што наведе, премиерот на Унгарија на рускиот претседател Владимир Путин му претставил предлог за размена на заробеници меѓу Русија и Украина и божиќен прекин на огнот.

„За време на вчерашниот телефонски разговор со претседателот Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан даде предлог да се изврши голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина пред Божиќ, како и да се објави божиќен прекин на огнот“, рече Песков.

Тој истакна дека украинската страна го отфрлила предлогот за размена на затвореници пред Божиќ. „Судејќи според реакцијата на Зеленски на социјалните мрежи, како и неговата околина, украинската страна ги отфрли сите предлози на Орбан“, изјави Песков за новинарите.