Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави оти Москва чека одговор од Киев на рускиот предлог за организирање на втора рунда директни преговори на 2 јуни во Истанбул.

– Колку што ми е познато сè уште не е добиен никаков одговор … Ние чекаме одговор од украинската страна, посочи Песков.

Тој го критикуваше и барањето на Украина да биде запознаена со руските услови за мир пред почетокот на состанокот во Истанбул.

Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха вчера побара Русија веднаш да го достави својот меморандум со детали за нејзините услови за примирје, тврдејќи дека „само добро подготвен состанок има потенцијал да доведе до опипливи резултати“.

Според Песков не е конструктивно јавно да се дискутира за преговорите.

Неопходно е или да се потврди подготвеноста за продолжување на преговорите или да се направи спротивното, наведе Песков,

Украински преговарач и министер за одбрана Рустем Умеров вчера посочи дека Киев веќе го предал својот меморандум, кратко време откако Кремљ предложи одржување на уште една рунда разговори.

Русија вчера предложи втора рунда директни разговори со Украина, каде Москва би го доставила својот меморандум за условите за постигнување на траен мировен договор.