Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека територијалниот интегритет на Сирија мора да биде зачуван откако САД објавија дека ги повлекуваат силите од североисточниот дел на Сирија.
Песков наведе дека Турција и Русија имаат ист став за сирискиот територијален интегритет.
– Се надеваме дека нашите турски колеги ќе се придржуваат до тој став во сите ситуации, посочи Песков.
Тој го повтори ставот на Москва дека сите воени сили „со илегално присуство“ треба да ја напуштат Сирија.
Турција претходно потврди дека американските војници се повлекуваат од северниот дел на Сирија, од пограничниот реон, каде Анкара сака да формира безбедносна зона во договор со САД.