ПЕТ ПАТИ ПОСКАПО ОД РЕК: Ќе се активира ТЕЦ Неготино, ќе произведува струја по цена од 175 и 150 евра за MW час

/ 25.11.2021

Владата на денешната 121 седница, даде согласност на „Електрани на … Македонија“ (ЕСМ) да го активира со работа ТЕЦ „Неготино“ за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза.

– Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД „ЕСМ“ и АД ТЕЦ „Неготино” за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 – април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба. Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД „ЕСМ“ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија, соопштија од владината Прес-служба.

Оттаму додадаваат дека произведената електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“, ЕСМ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО“, додека вишокот електрична енергија, „ЕСМ Продажба“ преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободниот пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

Владата како што информираа оттаму, ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и ЕСМ со свои средства.

– Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД „ЕСМ“ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба, додадоа од Влада.

Со оваа одлука, како што посочија од Влада, ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа зголемување и на БДП, а ТЕЦ „Неготино“ кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза.

– Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра за мегаватчас. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 денари за килограм, производната цена на ТЕЦ „Неготино“, доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра за мегаватчас, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра за мегаватчас, истакнаа од владината Прес-служба.

Ценатат по која струјата од РЕК Битола и се продава на ЕВН е 37 евра за мегават, а со таа цена се одржува сегашната за домаќинствата. Струјата од ТЕЦ значи ќе биде пет поскапа, но и за најмалку 40 отсто поефтина таа на светските берзи.

ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК „Битола“.

Државната термоелектраната „Неготино“ е изградена во 1978 година и истата последен пат работела во 2009 година. Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино” ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.


Од истата категорија