„Доколку Бугарија сака да разговараме за седумстотини и нешто луѓе коишто кажаа дека зборуват бугарски јазик и се чувствуваат Бугари во Македонија, фер е за стотици илјади Македонци коишто не можат да се декларират на попис како Македонци, да се спроведат овие пресуди (на Европскиот суд за човекови права, н.з.)“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ на тема уставни измени во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1
360°: Колку прашањето за уставните измени ќе биде важно при формирањето на владата?
Николоски: Мислам дека нема да е на дневен ред воопшто затоа што на сите им е познат ставот на ВМРО-ДПМНЕ и ние нема да го промениме. Ние како раководство покажавме дека ставови не менуваме, така што мислам дека никој нема залудно да троши енергија, да се обидува да го натера ВМРО ДПМНЕ да направи што било што е спротивно на нашите убедувања, нашата програма и она што го имаме како став досега.
360°: Дали тоа треба да значи дека и опозициските партии на Албанците се согласни да бидат ваши партнери знаејки дека треба да се откажат од уставни измени?
Николоски: Тоа треба нив да ги прашате, но ние уставни измени под бугарски диктат ниту изгласавме, ниту ќе изгласаме и тоа е јасно.
360°: Може ли да ни кажете што точно пишува во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема, бидејќи го слушнав Муцунски на презентацијата на делови од изборната програма – кажа едно, потоа ве слушам вас во јавните настапи, го слушам и лидерот Мицкоски – зборувате нешто друго. Сега што е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, што пишува во „Платформа 1198“?
Николоски: Еве, ќе го кажам ставот на ВМРО-ДПМНЕ – уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Доколку Бугарија сака какво било предвижување во однос на т.н. малцински права, тие така ги нарекуваат, во тој случај ние мора да ја видиме најрелевантната институција за малцински и човекови права во Европа – тоа е Европскиот суд за човекови права од Стразбур, од Советот на Европа. Таму резултатот е 14 – 0, 14 пресуди во корист на Македонците во Бугарија и нула пресуди во корист на Бугарите во Македонија, зборувам неимплиментирани. Доколку Бугарија сака да разговараме за седумстотини и нешто луѓе коишто кажаа дека зборуват бугарски јазик и се чувствуваат Бугари во Македонија, фер е за стотици илјади Македонци коишто не можат да се декларират на попис како Македонци, да се спроведат овие пресуди. Ние пред година дена велевме ајде да почнеме со три, но секако нема да застанеме на три, затоа што Бугарија како земја членка на Европската Унија и на Советот на Европа, а Македонија само на Советот на Европа, бара да се почитуваат малцинските човекови права, тогаш мора и самата да ги почитува.
360°: Николоски, нели спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права си има своја процедура, Комитетот на минситри при Советот на Европа го следи тоа?
Николоски: И Бугарија не го почитува тоа.
360°: Е па, на каков начин тоа е поврано со процесот во Европската Унија?
Николоски: Поврзано е на начин што судот во Стразбур, Европската Унија го признава како релевантен и како највисок суд за заштита на малцински и човекови права. ЕУ има свој суд на правдата, но тој се однесува на правни прашања помеѓу земјите членки и така натака, во однос на човековите права Европската Унија не создаде свој суд затоа што го прифати судот од Стразбур, така што е директно поврзано. Доколку Бугарија се обидува да наметнува нешто, мора и самата да го почитува, не може да немаме реципроцитет, не може Бугарија да не уценува и да настапува од позиција на сила ако саката вие да преговарате со Европска Унија има да го направите ова, инаку нема да преговарате. Па, после ако го направиме тоа, ќе дојдат ќе речат – потпишете Гоце Делчев дека бил Бугарин, па после ќе дојдат ќе речат потпишете, да не ги борјам еден по еден Илинденците дека биле Бугари или дека Илинденското востание било направено од бугарски офицери… Извинете, ама тоа не е наш поглед на работите.
360°: И ова го пишува во програмата?
Николоски: Не, ова е расширено, не може програмата да е 500 страници.
360°: Но, на како начин е поставено прашањето за Македонците во Бугарија во програмата?
Николоски: Кажав што е во програмата – дека очекуваме спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
360°: Знаете дека Македонија и Бугарија имаат потпишано договор за добрососедство и дека тој е асиметричен во тој дел и дека нашата држава…
Николоски: Асиметричен е, затоa ние не се согласувавме со тој договор.
360°: Е па, тогаш треба да го смените договорот.
Николоски: Па, има можност – во него нели пишува дека доколку една од двете страни е незадоволна може да отстапи од истиот во рок од една година откако ќе даде информација кон другата страна за таа работа.
360°: Тоа нели е дополнително заострување на релацијата?
Николоски: Не, не е заострување, туку е принципиелно…
360°: Сакам да ве потсетам – и поранешната влада на ВМРО ДПМНЕ се обиде на ист начин да ги ескалира односите со Грција ама на крај епилогот што беше – немаше решение.
Николоски: Не се согласувам, зошто? Прво, треба да го видите временскиот контекст – сега сме 2024 г. Ако во ’90-те години луѓето имале толеранција за одредени национални отстапки коишто се правеа – се смени знаме, првпат се смени име тогаш нели во поранешна југославенска Република Македонија, бакнотите се сменија од еден изглед во друг изглед, Устав се смени – се откажа Македонија од националните малцинства во Грција и во Бугарија, во 2024 година, по 35 години попуштање по разни основи, на луѓето им е преку глава од попуштање и веќе не сакаат да попуштат. Ја чувствуваме таа вибрација кога се гледаме со луѓето и ни го велат тоа што го јас го кажувам во интервјуата – дајте и другите да покажат дека имаат сериозен однос кон сопствените обврски во сопствената држава и кон Македонија. Така што, ако Бугарија сака да градиме добрососедски односи, мора тие да бидат на рамноправна основа, на паритетна основа и тоа да е двонасочна улица. Ако мислат дека ќе не уценуваат, барем кај ВМРО ДПМНЕ уцените не поминуваат.
360°: Груевски сакаше да им плати адвокати на Егејците за да си ги бараат имотите назад, ќе се сетите на дел од писмата што му ги пишуваше на Самарас и не само нему. Ако тоа е вашата тактика – да ги влошите односите, надевајќи се дека после ќе ги решавате…
Николоски: Не, не, сега правите реминисценција за едно друго време.
360°: Ама што ви е стратегијата зашто овој прсистап не води кон решение?
Николоски: За тоа време имам свое мислење, но мислам дека тоа е повеќе за еден документарен филм отколку за актуелни политички случување во моментов. Мислам дека тоа со ова нема врска.
360°: А што е различно?
Николоски: Различното е дека ние се бориме за националните права на Маедонците, затоа што ако од другата страна имате држава којашто вели, не само што вели, туку испрати документ во Европска Унија дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик. Извинете, ама не знам како ќе разговараме.
360°: Логично ли е да очекувате децениски, вековни ставови на бугарската наука и политика вие сега да сметата дека ќе ги смените или идејата на оваа држава треба да биде покрај тие ставови да се протне и да се обиде да го зачува тоа што го има како идентитет?
Николоски: Мислам дека тоа е грешката, затоа што протнување нема, зашто триесет и нешто години се водеше политика дека можеме да се проотнеме и триесет и нешто години Македонија губи. Ние или се почитуваме сами себе, имаме национално достоинство или не, јас се почитувам себе, сакам утре да можам со гордо крената глава да шетам по улица и не мислам дека начин на водење на политика е попуштање. И тоа јасно им го кажуваме на граѓаните и тие го имаат изборот на изборите. Ги имаат СДСМ коишто се спремни да попуштат на се и да потпишат се што ќе им се стави од другата страна и не имаат нас коишто имаме принципиелни позиции што не се ништо различно од почитување на основните човекови права предвидени со основните документи за формирање и на Советот на Европа и на Европската Унија.
360°: Тоа нели треба да биде битка на Македонците во Бугарија? И тие си ја водат таа битка.
Николоски: Ама ние сме матица на тие луѓе, тие луѓе не се случајни таму, матица на Македонците во Бугарија и во Грција е Република Макеоднија, како што матица на Бугарите е Република Бугарија.
360°: Имаме сменет Устав, имаме амандман.
Николоски: Тоа што во ’90-те години некој друг мислел дека ќе прави ќејфови на комшииве дека така ќе напредува државава и го избришал тоа во Уставот, тоа е проблем на тие политичари што направиле погрешна проценка, јас мислам дека е погрешна проценката. Е сега за Европска Унија, мислам дека е голема заблуда, Македонија не преговара со Европска Унија, јас стојам позади ова, од пролетта 2018 година го кажувам до денес истото – Македонија не преговара со Европска Унија поради високо ниво на криминал и корупција. Јас, ако се сеќавате, уште не беше решен спорот за името, како се реши е друго прашање, излегов пролета 2018 година и реков – и да го смени Заев името, нема да почне преговори со Европска Унија и така бидна.
360°: Вие велите за 6-9 месеци тоа може да се смени (со борба против криминалот и корупцијата, н.з.). Тоа е серизоно ветување. Од мај ќе мериме девет месеци и ќе видиме дали ќе почнеме преговори?
Николоски: Веројатно од јуни, јули кога ќе направиме влада. Зошто? Затоа што 5-6 големи земји членки, без Германија, мислат дека Македнија не заслужува почеток на преговори со ЕУ и Бугарија им е добар изговор. До денес јас не сум видел, освен ако нема нешто многу тајно, кој било да прави притисок од земјите членки на ЕУ, а сум многу прецизен, да прави притисок врз Бугарија, да се помести од овие националистички и деветнаесеттовековни политики кон Македонија. Нема таква држава.
360°: Г-дине Николоски, вие знаете дека Македонија ги почна преговорите. Се случи скринингот, тоа е прв дел од пристапните преговори.
Николоски: Не, не ги има почнато преговорите, тоа е манипулација. Преговори, се знае кога се отвораат кластери, така се почнуваат преговори. И основната причина зошто никој не врши притисок врз Софија, а сите вршат притисок врз Македонија, е затоа што овие земји членки мислат дека Македонија не е спремна. Јас ви гарантирам, иако тоа црно сценарио нема да се случи, зашто ние нема да го дозволиме – Македонија да го промени Уставот во корист на Бугарија, пак нема да почне преговори. Ќе ги почне и ќе застане. Ќе се отвори формално првиот кластер и ќе има вето – не од Бугарија, од други земји членки на ЕУ, за владеење на правото.