Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, преку објава на социјалните мрежи остро го критикува лидерот на Левица, Димитар Апасиев, обвинувајќи го за политичка дволичност и лични интереси поврзани со државни фондови.
Во објавата со наслов „Евра, љубов и политичка романса“, Петкоска вели дека Апасиев „глуми најголем критичар на СДСМ во парламентот“, додека, според неа, неговата сопруга Тамара „добива финансиски средства преку институции кои биле управувани од социјалдемократите“.
„Додека Димитар Апасиев со тупаница во воздух го нарекува СДС најголемото зло, неговата сопруга зад сцената си ги полни џебовите со евра. Дома, пак, двајцата заедно аплицираат за Еразмус плус проекти, внимавајќи да не ги фати камерата,“ наведува Петкоска.
Таа дополнително обвинува дека станува збор за „брачен договор“ во кој, како што пишува, едната страна доделува фондови, а другата страна прави политички театар. „Јавноста гледа ривалство, а во позадина се случува договор меѓу СДСМ и Левица,“ додава Петкоска.
Според неа, следните избори ќе донесат само „уште една епизода од серијалот Евра, љубов и политичка романса, во режија на СДСМ и Левица“.