Од денеска препораките за лекување на пациенти од ковид-19 се достапни на веб-страница на Министерството за здравство. Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски рече дека се работи за документи на околу 40-ина страници, кои содржат препораки од изминатите години, кои се неколкупати модифицирани, а последен пат во септември 2021 година.
Тој потенцира дека досега имале проблеми со дистрибуција на препораките до лекарите и на овој начин сметаат дека сите ќе можат да имаат увид во она што се препорачува како начин на лекување на пациенти со ковид.
Тие се првенствено наменети за лекарите и според Комисијата тоа е водич за третман, но тие не се обврзувачки, туку од тука можат да се црпат искуства. Тука го посочи случајот со лекот „ивермектин“, за кој Петличковски беше дециден дека нема научи докази дека помага во лекување на ковид.
„Препораките се однесуваат на асимптоматски пациенти, на пациенти со лесна, средно тешка клиничка слика и на хоспитализирани во тешка состојба. Препораките се насочени кон лекарите, не се насочени кон општата популација. Наше е да ги упатиме лекарите кои се вклучени во третман на Ковид-19 каде може да најдат најсоодветни препораки“,
додаде Петличковски одговарајќи на новинарски прашања.
Петличковски особено потенцира дека ова не се протоколи, туку препораки, бидејќи за нешто да стане протокол мора да помине соодветна процедура.