Дополнителната заменичка министерка за финансии Елена Петрова, обвинува дека Министерството за финансии ги лажира извештаите за јавниот долг во бруто домашниот производ за буџетскиот дефицит.
На прес-конференција рече дека според податоците на Државниот завод за статистика, јавниот долг во БДП изнесува 62,1%, а не 58,4% како што се вели во официјалните извештаи на МФ.
-Буџетскиот дефицит од општата Влада е 4,9% од БДП, а не 4,6% од БДП колку е објавен и земен во Фискалната стратегија за периодот од 2024-2028 година и во предлог буџетот за 2024 година. Интервенирав до надлежниот сектор во Министерството, да ги смени бројките бидејќи податокот за БДП за 2023 година е објавен. По мојата интервенција податоците на Министерството не се променети, исто така, не добив никаков одговор на пишаното барање од што заклучувам дека министерот за финансии не сака да ги објави точните податоци за учество во јавниот долг во БДП на крајот на 2023 година и буџетскиот дефицит, потенцира Петрова.
Со ова, според неа, се крши Законот за буџети кој е основа за фискална дисциплина.
Вели дека е надминат критичниот праг на долгот и тоа според неа е неодржливо.
Петрова додава дека и оваа година владата се задолжила премногу.
-Продолжуваат да ја задолжуваат Македонија. За два и пол месеци во 2024 година, само на домашниот пазар на државни хартии од вредност се задолжија со нови 237 милиони евра. Буџетскиот дефицит за два месеци од 2024 година е 136 милиони евра или една четвртина од предвидениот, рече Петрова.
Вели, податоците покажуваат дека има отстапка од принципот на одржливост зашто сега буџетскиот дефицит и јавниот долг се прекумерно оптоварување на економијата.