Оданочувањето на доходите на граѓаните кои работеле во странство е законска обврска пропишана во Законот за данок на личен доход и не се работи за ретроактивно оданочување, истакна директорката на УЈП, Елена Петрова, по средба во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Петрова појасни дека обврската важела уште во 2020 година, но многумина денес се соочуваат со проблеми при обезбедување на докази за платен данок во странство. Затоа УЈП презема мерки да им излезе во пресрет, вклучувајќи прием на сите видови докази и покренување административна соработка со странски даночни администрации.

Од околу 1.100 граѓани кои работеле во Авганистан и Ирак, околу 200 веќе доставиле документи. За останатите, УЈП побарала листи и податоци за компаниите за да може службено да ги провери.

Дополнителни проверки ќе се вршат и за граѓаните испратени во мировни мисии, за кои данокот бил платен преку Министерството за одбрана.

Петрова најави дека аконтациските решенија ќе бидат заменети со конечни решенија за 2020 година и дека процесот на корекции ќе мирува додека не се добијат сите потребни податоци.