За една успешна економија потребно е едно деловно опкружување во кое што компаниите би можеле да работат непречено, непречено да го реализираат својот бизнис, а за тоа им е потребна една ефикасна даночна администрација, ефикасна УЈП и било каква државна администрација која ефикасно ќе им дава поддршка и услуги за да го потпомогне нивниот бизнис, наместо да им поставува бариери и пречки во извршувањето на бизнисот, вели Елена Петрова, дополнителен заменик министер за финансии на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, на тема „Нов концепт за економски развој“ во рамките на дебатата Економска платформа за иднина.

Доаѓајќи од Управата за јавни приходи каде што долги години професионално се развива, Петрова преку пример посочи како доброто, ефикасното и ефективно функционирање на институцијата може да придонесе за  развој на успешна економија, наведувајќи примери како моментално неефикасната администрација преставува загуба на време и финансиски средства за бизнисот.

„Кога на некој му е потребно било каков документ од УЈП, како на пример барање за уверение за платени даноци или познато како уверение за тендер, решение за даночно ослободување и слично, треба да отиде на шалтер во УЈП, да го поднесе барањето. Потоа треба да ја користи онаа метода „повикај пријател“, за да му се забрза завршувањето на документот во УЈП, а можеби и треба сам да оди да си ја заврши работата од, на пример Велес во Прилеп. Доколку некому ми е потребен некој стручен совет за тоа како да ја пресмета и да ја плати даночната обврска треба да сврти 20 телефони во УЈП и можеби,  повторно, нем ада го добие правиот одговор. Ваквата неефикасност на администрацијата за бизнисот претставува загубено време, трошоци и сето тоа е загуба за бизнисот“, истакна Петрова.

Петрова посочи дека на економијата и на стопанственици им треба непречено да може да функционираат, без административни пречки и бариери, им треба даночна и државна администрација која ќе биде сервис во буквална смисла на зборот која што ќе им дава секојдневна поддршка и помош во работењето.

„Концептот на ВМРО-ДПМНЕ за македонската економија е токму концепт кој што треба да ја подигне ефикасноста на даночната администрација, а дигитализацијата е еден од механизмите, можеби и најдобар механизам за подигнување на ваквата ефикасност. Дигитализирана даночна администрација, всушност е глобален стандард по кој што функционираат речиси сите даночни администрации во нашето опкружување, во Европа и во светот, а тоа го овозможуваат новите и современи технологии“, додаде Петрова.