Министерката за одбрана Славјанка Петровска и ополномоштената амбасадорка на Украина, Наталија Задорожњук, денеска остварија средба во Министерството за одбрана, на која уште еднаш беше потенцирано дека нашата земја како и сите членки на НАТО дава недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Петровска, како што информираат од нејзиниот Кабинет, на средбата истакнала дека како земја-членка на НАТО, С. Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја да се определи за својата иднина.

Амбасадорката Задорожњук, се вели во соопштението, изразила благодарност за недвосмислениот став за поддршка на С. Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и поддршката за политиката на отворени врати на НАТО.

Петровска, исто така, го потврдила ставот на С. Македонија дека најдобро решение е дипломатското решение на кризата во Украина, како и поддршката за напорите на НАТО за користење на сите дипломатски и политички алатки за намалување на тензиите и де-ескалација на ситуацијата.

– На средбата со амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук ја потврдив недвосмислената поддршка на С. Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и за правото на Украина и нејзините граѓани да одлучуваат за својата иднина, објави Петровска на Твитер.