Владата денеска на седница ќе донесе одлука за упатување на сто војници од различен состав во Словенија, кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава и тие ќе заминат најрано утре наутро, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска, одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на армиските припадници кај Карпалак.

Нагласувајќи оти оваа трагедија во Словенија изминатите денови се користела за различни на видови шпекулации, изнесувања лаги и невистини во македонската јавност дека помошта доцни Петровска вели дека не сакале да прават пи-ар маркетинг од тоа.

-Меѓутоа еве дозволете да известам како течеше. Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата за тоа што им е потребно дека ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден претпладне преку механизмот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации и на НАТО и на ЕУ беа доставени барања. Затоа и веднаш вчера изреагиравме, претседателот на државата во координација со началникот на Генералштабот и со мене, се разбира. Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава, рече Петровска.

Министерката вели дека војниците се подготвени да заминат уште денеска.

-Во текот на попладнето заедно со началникот на Генералштабот ќе ги посетиме за да се увериме дека се подготвени и најрано утре наутро ќе заминат, а денеска во 12 часот на седница на Влада ќе ја донесеме и одлуката која што е формалниот дел од  процедурата, вели Петровска.

Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е се што досега е побарано.

-Побарани се и други технички средства, материјална техничка поддршка, за која што ние не сме во можност да одговориме, меѓутоа се разбира и во иднина ако се испратат барања на кои ќе можеме да одговориме ќе одговориме. Само како една информација, во барањето е наведено дека вкупно се бараат 200 војници, а РС Македонија испраќа 50 проценти од побарувањата, додава Петровска.

За благодарноста што вчера Словенија ја упати до земјите кои и помогнале преку фотографија, на која не беше и Македонија, Петровска рече дека процесот тече и додаде дека во наредниот период сигурно и нашето знаме ќе биде на таа фотографија.

Словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска изјави дека штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра.

Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.

Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови низ северозападна и централна Словенија, а армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ослободат други и да ги расчистат улиците. Словенечката агенција за животна средина објави дека поплавите вчера почнале да се повлекуваат, но некои области се уште се отсечени.