Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Тетово на новинарско прашања повтори дека процедурата за набавка на осум хеликоптери е согласно законската регулатива, иако од ВМРО – ДПМНЕ посочуваат дека сега е предизборен период.
Петровска повтори дека сега е дојдено до оваа фаза на набавката, која била почната пред неколку години, при што се поминати сите чекори кои се потребни и се согласно законската регулатива.
– Нема ништо спорно и нема ништо криминално како што се обидуваат да го извртуваат тоа едноставно ова е дел од големиот процес на модернизација за којшто постојано зборуваме обновување на капацитетите на македонската Армија и всушност со еден збор би рекла така се сака и така се цени армијата, но така се гради и одбраната во државата. Тоа што на нив им пречи инвестирањето во одбраната е сериозен проблем заради тоа што за една политичка партија која тврди дека има НАТО и ЕУ аспирации и особено дека го поддржува во нашето членство во Алијансата да се противи на модернизацијата во Армијата и на сè тоа она што е позитивно навистина според мене е недозволиво, посочи Петровска.
За неа изјавите дека било расфрлање и расипништво вложувањето во хеликоптерите е загрижувачко.
– Набавуваме хеликоптери кои се на западна платформа, модерни и ги имаат сите перформанси кои треба да ги поседуваат едни современи воздухоплови. Тие се одбрани се разбира во процедура, јас имав пред Комисијата за одбрана и безбедност презентација, пред новинарите во Скопје брифинг, апсолутно сум подготвена ако има некое дополнително прашање и објаснување уште еднаш да го повториме, рече таа од Тетово.
Министерката Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Тетово присуствуваа на презентацијата на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата, во рамки на Отворените армиски денови коишто се организираат во повеќе градови низ државата по повод 4-годишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.