Случајот со наводната хациенда која повторно ја споменувате на прес-конференции има судска разрешница и нема потреба да ја повикувате Антикорупциската комисија да отвора случај. Вие сте власт и поведете истрага, напиша во реакцијата Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ откако денеска истата хациенда беше тема на прес-конференција на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
„Еве веќе 20 дена како и официјално сте власт, па нема потреба од повторувања на прес конференции, ниту да ја повикувате ДКСК. Само за потсетување дека овие обвинувања се одамна, Драган Ковачки лажеше и ме клеветеше. И како што ветив во судска постапка докажав дека е лажго. Ама од срам ја крие пресудата и ве турка во поголема брука“, пишува Петровска во реакцијата.
Таа ја повикува МВР да поведе истрага за наводната хациенда, па, како што пишува, пак да „си пукате во нога”.
Петровска во реакцијата бара одговори од ВМРО-ДПМНЕ на неколку прашања:. Како е можно за помошник министер во МВР да е поставено лице со активна кривична пријава? Зошто заменик директорката на Агенција за разузнавање е незаконски поставена? Ќе се извини ли Мицкоски за злоупотреба на позицијата и организирање прошетки на неговиот син во Вашингтон? Како е можно за директор на Управата за извршување на санкции да поставите лица со несоодветно искуство? и Кој ви дозволи ја задолжувате државата, односно граѓаните со 500 милиони евра за да ги покриете неспособните градоначалници на ДПМНЕ?
„Со лаги, клевети и закани нема да ме спречите да ја говорам вистината и да поставувам прашања. Одговорете, не молчете!“, пишува Петровска.