Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Васко Ѓурчиновски денеска ја посети касарната „Јане Сандански“ во Штип каде оствари средба со припадниците на Лесниот пешадиски баталјон и извршија увид во градежните активности на објектите кои беа опфатени со реконструкција меѓу кои и објектот кој веќе е завршен, а во кои е сместен Лесниот пешадиски баталјон (ЛПБ).

Од прес-службата на министерката информираат дека таа упатила честитки за неодамнешниот успех на единицата, кога на НАТО оценувањето на вежбата „Блесок 22“ припадниците покажале високо ниво на професионалност, способност и вештини во извршувањето на задачите, опишувајќи ги како „борбено способни за извршување на својата мисија“ согласно највисоките НАТО стандарди“.

– Таа посочи дека човечкиот потенцијал е од особено значење за нашата Армија, но за развој на човечкиот потенцијал постојат повеќе фактори меѓу кои и условите и стандардите за работа и опремата. Токму во таа насока Петровска рече дека Министерството за одбрана заедно со Генералштабот продолжува со инвестиции во реконструкција, реновирање, модернизација на објектите, опремата, вооружувањето, заштитата и сето она што е потребно за нашите припадници да имаат одлични услови во извршување на своите работни задачи, се вели во соопштението.

За време на денешната посета беше истакнато дека наскоро ќе пристигнат и првите три лесни оклопни возила JLTV за потребите на единицата, а за две недели вод од оваа единица ќе учествува на вежба во Турција со што континуирано се придонесува за подготвеноста и одржувањето на борбената готовност на нашите припадници кои ќе бидат дел од НАТО мисиите.

Министерката Петровска нагласи дека во континуитет работат на подобрување на стандардите, условите за работа и модернизација на опремата и вооружувањето. Таа заклучи дека со реконструкција на објектите се подигнува стандардот за работа на припадниците на армијата, а воедно се зголемува и енергетската ефикасност.