Досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска потврди и официјално дека ќе биде кандидат за нов партиски претседател на СДСМ, објави ТВ Телма. Таа ја официјализирала кандидатурата пред сопартијците во Тетово, во 6-тата изборна единица, каде што таа беше кандидат и стана пратеник.
-Се уште не е почната постапката за кандидирање, но денес имав средба со кандидатите за пратеници на СДСМ за ИЕ 6 и општинските штабови и им потврдив дека ќе се кандидирам за претседател на СДСМ, затоа што во сериозни и предизвикувачки времиња како сега потребна е решителност и носење одлуки. Изминатите години сите одговорни задачи кои ми беа доверувани ги извршував одговорно и посветено и сум подготвена да го превземам товарот кој го носи потребата од реформа на СДСМ, единство и фокус на идеологијата. На СДСМ му треба силно, мотивирано и обединето членство, а на Македонија и треба силен СДСМ, ни одговори Петровска во пишана изјава.
Петровска од вчера е пратеник и потврди дека веќе не е во Министерството за одбрана. Службениот автомобил е вратен, а по полициско-безбедносна проценка, таа и понатаму ќе има обезбедување.