Македонскиот олимписки стипендист и еден од најперспективните македонски кајакари, Ангел Петрушев, по четврти пат ја освои престижната титула „Спортист на Велес“. Ова признание доаѓа како потврда за неговата доминација, исклучителните резултати и континуираниот напредок на домашната и меѓународната сцена во текот на 2025 година.
Наградата на Петрушев му ја врачија Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски и заменик градоначалничката на Општина Велес, Елизабета Митревска Ангелеска.
Членот на КК Вардар Велес ја одбележа 2025 година со супериорни настапи кои го трасираат неговиот пат кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028. Петрушев е државен првак во кајак слалом, победник на традиционалниот ИКАС 2025 и на ICF рангинг трката во Скопје, освојувач на златен медал на Европскиот куп во Солкан во конкуренција У23, како и европски полуфиналист со пласман на 25. место на Европското првенство во Париз.
Како олимписки стипендист на МОК, Ангел Петрушев е светол пример за тоа како со напорна работа, талент и институционална поддршка се постигнуваат врвни резултати.




