Универзитетската професорка Ана Павловска-Данева го помина комисискиот филтер за уставна судијка.

Со седум гласа „за“, три „против“ и ниту „воздржан“ собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска го утврди предлогот на владејачкиот СДСМ, Павловска-Данева да биде кандидат за судија во Уставниот суд. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во матичната собраниска комисија повторно кажаа дека предлогот на Павловска-Данева за уставен судија е партиски, а од СДСМ ги отфрлија тврдењата и повикаа да се комплетира составот на Уставниот суд.

Пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата го оспори предлогот за Павловска-Данева да биде номинирана за кандидат за уставен судија. Додаде дека таа е поранешна партиска потпретседателка на партијата која ја предлага – СДСМ.

Таа ја нарече Павловска-Данева „Фејсбук правен експерт на батерии“ и учесник кој требало да се огради од „Шарената револуција“ затоа што не се извинила од штетните политики на СДСМ.