Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на мемето што го објави лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, обвинувајќи го за популизам, лицемерие и злоупотреба на партијата за лични интереси.

Петрушевски наведува дека Апасиев, додека бил близок со поранешната власт на СДСМ и Зоран Заев, добивал „ресурси“ и бил дел од т.н. „шарена револуција“, но откако, како што тврди, тие извори пресушиле, следеле јавни напади и конфликти. Тој го обвинува Апасиев и дека во минатото го величел Специјалното јавно обвинителство додека, според него, бил финансиски поврзан со него, а подоцна започнал со критики.

Во објавата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го критикува Апасиев дека иако јавно се претставува како антиелитист, ужива во привилегии како службено партиско возило, возач и обезбедување. Дополнително, Петрушевски тврди дека Апасиев ја „киднапирал“ партијата Левица, што, според него, е предмет на судски спор, со цел таа да функционира како „приватна фирма“ во која партиската врхушка си исплаќа хонорари.

Петрушевски прави и лична споредба, истакнувајќи дека од 18-годишна возраст е активен член на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали имал или немал функција, и дека неговата политичка мотивација е водена од кауза и вредности, а не од функции и привилегии.

„Кога нема аргументи, следат мемиња. Тој нека фотошопира, јас продолжувам да работам во интерес на Македонија“, порачува Петрушевски во објавата, оценувајќи дека нападите од Апасиев се резултат на фрустрација и, како што наведува, поранешна поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ.

Реакцијата на Петрушевски доаѓа по мемето објавено од Апасиев, кое предизвика низа реакции и продолжување на јавната политичка полемика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица.