Во вечерашната емисија „За или против“ на Алфа телевизија гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој дискутираше за донесените законски измени кои се однесуваат на забраната за употреба на пиротехнички средства во затворени места, за да има контролирана употреба и недозволување за непрофесионална употреба, притоа во фокусот го стави и зголемувањето на казните за затекнување на малолетници после полноќ во угостителски објекти.
„Моментално ги работиме законите кои изминатава недела ги спремавме и ние како пратеници заедно со Владата имаме доста поголем број сет на закони коишто мора да ги поминеме во собраниска процедура и што побргу да стапат на сила. Еден од тие закони е Законот за безбедност во јавниот ред и мир, прекршоци за јавен ред и мир, она коешто го направивме денес е дека забрануваме комплетно, тотално користење на пиротехника во затворени објекти во било каков затворен објект, казните се енормно зголемени доколку недај боже некој се осуди да прекрши една таква забрана“, вели Петрушевски.
Пратеникот во емисијата наведе дека се донесени првите законски решенија кои се потребни во општеството, но потенцираше дека и во иднина ќе се продолжи со нови законски решенија се со цел спречување на несакани ситуации, и овозможување на квалитетен живот во сите области од општественото живеење.
„Исто така она коешто го утврдивме и за кое сметаме исто така дека треба корекции во општеството, тоа е ги зголемуваме казните за затекнување на малолетници во угостителски објект после 12 часот по полноќ, тука десеткратно се зголемуваат казните, така што мислам дека ова се први ад хок решенија коишто се неизбежни и се производ на она коешто и ние го сработивме како пратеници изминатата недела и е едно нормално своевидно барање на јавноста, продолжуваме со нови други закони ќе има закони коишто ќе предизвикуваат 6 месечна инспекциска контрола генерално на сите објекти лиценци не само во угостителство генерално во сите области ќе има доста законски решенија кои ќе превенираат да не се случуваат вакви трагедии и законски решенија коишто ќе овозможат да ги стандардизираме работите согласно европските стандарди и да имаме поквалитетно живеење во областа на сите сфери“, рече Петрушевски.
Тој додаде дека Владата продолжува континуирано да работи во насока на утврдување на сите аномалии и недостатоци во законите и истакна дека се надева на позитивна промена со оглед на успешната работа на пратениците и Владата.
„Владата продолжува во делот на детектирање заедно со Собранието со пратениците на сите оние недостатоци коишто ги имаме во законите и од аспект на неусогласеност во примена на законите, значи некои работи ние можеби ги имаме како законски норми и решенија меѓутоа во пракса не се применувале и од аспект на утврдени аномалии празнини, недоречености во законските решенија коишто ќе бидат коригирани овој период, започнавме со овој закон следуваат многу закони посебно во делот на инспекцискиот надзор, мислиме дека тоа се некои сегменти коишто ако ги гледаме првично работите се некои коишто потфрлиле во делот на оваа трагедија што ни се случи и мислам дека како општество ќе успееме да коригираме многу недостатоци и недоследности коишто сме ги имале изминатиот период. Факт е дека наследивме корумпиран систем, факт е дека наследивме скоро па и руинирана држава и факт е дека успеавме да извојуваме големи победи“, истакна Петрушевски.