Минатата година е една од најлошите години за македонското правосудство. Пристигнаа остри и недвосмислени критики за работата на Судскиот совет од САД и Европската заедница. Почетокот на годината не навестува дека овој состав на Судскиот совет е способен да си ја врши работата и да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството.

Имено, денес на јавна седница на Судскиот совет е отфрлена мојата претставка за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, кој донесе скандалозна пресуда против мене, не уважувајќи го мојот уставно загарантиран имунитет како пратеник.

Дека Судскиот совет го пробива и дното, покажува изјавата на судијата известител Лорета Ѓоргиева, која сметала дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета, што е базично и еклатантно непознавање на правото!

Недвосмислено јасно е според Уставот и согласно член 16 од Законот за пратениците дека пратеник НЕ МОЖЕ да биде повикан на кривична или ДРУГА одговорност за искажано мислење во Собранието.

Политичката хајка врз неистомислениците на власта продолжува, а извршители се токму личности како Лорета Ѓоргиева, сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица и долгогодишен директор на ЈПКД Комуналец – Струмица, Зоран Ѓеоргиев.Многу ме интересира мислењето на Лорета Ѓоргиева за постапувањето на судијата во предметот Ковачки против Ковачевски, каде на екс – Премиерот му е уважен имунитетот токму за граѓанска одговорност? Како би одлучил Судскиот совет на претставка против овој судија?

Токму ваквите двојни аршини на судската власт го срозаа македонското правосудство. Добро е што времето на овие политички егзекутори изминува, а мене ниту успеале, ниту ќе успеат да ме замолчат! Мојата борба за правда продолжува.

https://www.facebook.com/branebelich/posts/pfbid032BzSQj4m2ja5LkvSbpbEowdC9yMDSS1Sgnd4Da85jfShoCag2hR6CDuEQKvK7WH5l