Учениците од петто одделение ќе ја започнат новата учебна година без учебници по историја и општество кои се повлечени поради грешки и сè уште не е готовата коригираната верзија. Додека не бидат готови овие учебници, петтоодделенеците ќе користат скрипти.
„Учениците од прво, второ, трето, четврто и петто одделение, на стартот на новата учебна година ќе добијат нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по историја и општество за петто одделение кој, како што јавноста знае, е повлечен од употреба поради потребата од технички корекции и корекции на одредени содржини кои не соодветствуваат со реалната состојба. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека финално не се изработи и достави учебникот“, соопштија од Министерството за образование.
Веднаш откако лани во декември учениците ги добија овие учебници, Здружението на историчари алармираше дека се направени редица пропусти и наведени се повеќе погрешни информации. Предупредија дека доколку учебникот по историја се користи во наставата, ќе се нанесе непроценлива штета на воспитно образовниот процес. Министерството за образование и наука (МОН) на крајот на минатата година информираше дека комисија ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за корекции, а учебникот беше повлечен. Потоа беше објавен повик за формирање на авторски тим за изработка на нов учебник, кој сè уште не е готов.
Но, ќе доцнат и учебниците за трето и за шесто одделение, а од МОН велат дека тие се во фаза на подготовка и уверуваат дека ќе бидат испорачани набрзо по стартот на учебната година. Доцнењето го оправдуваат со повеќе прчиини нема интерес кај авторите или нема рецензенти, а постапката се пролонгира и поради одредени корекции кои дополнително мора да се направат, велат од МОН.
„Јавноста треба да знае дека постапката за изработка и одобрување на учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, претставува прилично сложен процес кој може да потрае и неколку месеци и затоа се случува истиот, за одреден предмет да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година“, наведуваат од МОН.
Сепак од МОН уверуваат дека учениците, родителите и наставниците треба да бидат спокојни и ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години со учебниците, нагледните средства и условите за настава, затоа што се интензивираат подготвителните активности за успешен старт на учебната година.