Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, беше задоволен по вчерашната победа над фаворитот Лацио со 3:0 на Олимпико.
И покрај шпекулациите за неговата иднина, италијанскиот стручњак рече дека веќе размислува за мечот со Јувентус.
– Тимот одигра добро. Среќни сме со победата, но со толку зафатен календар, нашите мисли веќе се на мечот со Јувентус, изјави Пиоли по мечот.
Тој вели дека тимот потрошил многу енергија на овој натпревар, но видел позитивен одговор од сите играчи и тоа ќе помогне да го направи својот избор за следниот натпревар.
– Ова е наш четврт натпревар сезонава против Јувентус. Во последните недели „бјанконерите“ се подобрија многу, како и ние, посочи тој.
Во однос на учеството следната сезона во Европа, Пиоли смета дека Милан е клуб со престиж и мора да учествува на европските турнири, но и дека играчите даваат се од себе за тоа да се случи.
– Играчите продолжуваат да даваат 110%, дури и оние кои имаат склучено договори до крајот на сезоната и најверојатно нема да останат во клубот. Тие се решени да докажат дека се уште се силни играчи на највисоко ниво и да дадат се од себе за Милан, изјави Пиоли.