Бившиот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, кој долго седеше на повеќе министерски фотелји во владите на СДСМ на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, испрати писмо преку својот профил на Фејсбук во кое и „држи лекции“ на актуелната власт. На ова веднаш реагираа ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ (ВЛЕН) коалицијата на партиите на Албанците во Македонија.
Во продолжение целото писмо од Бујар Османи објавено на ФејсбуК:
Кога Премиер на една земја јавно ќе го стави под знак прашалник легитимитетот на министер да преговара во име на државата – не поради неговиот мандат, туку поради неговото етничко потекло – тоа не е само навреда кон таа етничка заедница.
Тоа е најантидржавната изјава дадена од еден Премиер во последните децении.
Тоа е обид за редефинирање на државата како етнички монопол, спротивно на Уставот, спротивно на политичката реалност, и спротивно на самата европска идеја на мултиетничка демократија кон која тежнееме.
Ако министри од албанско потекло не се квалификувани да ја претставуваат државата, тогаш не зборуваме повеќе за заедничка држава.
Јас, како министер за надворешни работи, не сум преговарал во свое име, ниту во име на една етничка група.
Преговарав во име на РС Македонија, со полн мандат од Собранието, и со неприкосновена поддршка од институциите на државата – од Премиерот, Вицепремиерот за европски прашања, Претседателот на државата.
И бидејќи сакате да ја омаловажите мојата улога, еве неколку факти, за да се потсетите што сè оваа држава постигна преку мојата работа:
• Под мое водство, РС Македонија стана претседавач со ОБСЕ во време кога самата организација се соочуваше со најголемата институционална и политичка криза. Спасивме организација од парализа, со градење консензус меѓу 57 држави членки, во услови на војна во Европа и длабоки глобални поделби. Ова не го велам јас, туку го признаа и ОБСЕ, и ЕУ, и САД.
• Станавме прва земја од Западен Балкан што воспостави Стратешки дијалог со САД, со што го издигнавме партнерството на највисоко ниво. Официјално бев примен во Стејт департментот, не како Албанец, туку како министер на една суверена држава.
• С. Македонија стана домаќин на дијалогот меѓу Косово и Србија, поради довербата и кредибилитетот што го изградивме кај меѓународните партнери. Финалната рунда се одржа токму во Охрид.
• Преспа Форумот за дијалог кој го инициравме стана референтна точка за политички и дипломатски дијалог во регионот, каде доаѓаа министри, премиери и специјални претставници од целиот демократски свет.
• Во преговорите со Бугарија и низ процесот на европска интеграција, успеавме да го заштитиме македонскиот јазик – без фусноти, без објаснувања, со чиста формулација во Преговарачката рамка. Тоа е дипломатска победа, која никој сериозен актер не ја негира.
• Во тој процес, македонската етничка, културна и историска посебност беше доследно бранета – не со зборови, туку со конкретни решенија, во текстови, документи и обврски.
Доминираа дипломати со македонско етничко потекло, со искуство и авторитет, токму со цел да нема простор за импровизации кога се работи за сензитивни прашања.
И да, преговорите ги водев јас – затоа што бев Министер за надворешни работи на сите граѓани.
Но одлуките се носеа заеднички, и ниту еден потег не беше преземен без знаење и одобрување од највисоките институции на државата.
Затоа, Премиере, кога ќе посочувате нечија етничка припадност како пречка за државничко дејствување, не ја навредувате само личноста или народот на кој припаѓа.
Го рушите самиот темел на државата што велите дека ја водите.
И на крај, вашата дегутантна нетрпеливост кон Албанците ја манифестирате постојано – немате ниту еден советник Албанец, немате Албанци во вашата придружба при официјални посети, се заканувате со „влечење за уши“, ги укинувате механизмите за заштита од мајоризација, ги наградувате со функции оние кои нѐ нарекуваат со најпогрдни зборови, свесно создавајќи компетитивна состојба за тоа кој повеќе ќе се докаже преку понижување на Албанците и создадовте средина каде дури и вашите албански партнери се чувствуваат понижени и разединети.
Но, за ваша жал, вие никогаш повеќе нема да ги бирате претставниците на Албанците.
Албанците ќе си ги избираат сами.