Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун денеска побара продолжување на дијалогот со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин.
Ким во писмото упатено до Мун изрази жалење што не го посетил Сеул во декември, како што претходно вети. Но, севернокорејскиот лидер не ги наведе причините за одложувањето на посетата.
Ким и Мун годинава трипати се сретнаа и прифатија соработка во разни области.
Лидерот на Северна Кореја традиционално одржува говор за Нова година, во кој обично ги соопштува политичките одлуки и мерки кои ги предвидува за следната година.
Ким минатата година во говорот најави подобри дипломатски односи со Сеул и со Вашингтон, што доведе до прв состанок со Мун и до историската средба на 12 јуни во Сингапур со претседателот на САД, Доналд Трамп.