Планот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да продаде 30 проценти од комерцијалните права на Светското првенство и другите турнири на приватни инвеститори би можел да се соочи со сериозни правни предизвици, предупредуваат експерти за спортско право.
Според предлогот, уделот би го купил инвестициски конзорциум предводен од Џошуа Кушнер, помладиот брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Инфантино смета дека за усвојување на планот е доволна поддршка од 50 проценти од 211-те членки на ФИФА. Сепак, британскиот адвокат и експерт за спортско право Ник Де Марко предупредува дека доколку оваа одлука суштински ја менува управувачката и финансиската структура на организацијата, тогаш според Статутот на ФИФА е неопходно мнозинство од 75 проценти.
„Не може уставна промена да се претстави како обична комерцијална трансакција. Ако ФИФА го спроведе планот со просто мнозинство, тоа би можело да биде главна основа за судски оспорувања“, изјави Де Марко за The Times.
Според него, можни се постапки пред судови во Европската Унија, Швајцарија и Соединетите Американски Држави, како и пред Спортскиот арбитражен суд (CAS).
Дополнително, предупредува дека ФИФА би можела да се соочи и со тужби поврзани со правилата за конкуренција, како и со реакции од синдикатите на фудбалерите поради сè погустиот календар на натпревари.




