Претседателот на Синдикатот на машиновозачите Тони Димовски ја демантира вчерашната изјава на раководството на Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје, кои вчера излегоа со соопштение дека платата на еден машиновозач со сите додатоци и изминат километар е над 67.000 денари.
-Не е точно дека платата е над 67.000 денари, туку таа е неполни 40.000 денари. Раководството на Железници да престане со лаги и изнесување невистини. Да кажат колку непотизам има во фирмата и колкави плати земаат членовите на нивните семејства и колку им се поголеми коефициентите по кои им се пресметуваат платите, изјави Димовски.
Тој објаснува дека платата на машиновозач изнесува неполни 40.000 денари заедно со надоместоците на плата, како што е дежурство за време на празници, ноќна работа, квалитет на работа и друго.
-Основната нето плата е околу 23.000 денари без овие надоместоци. Тие во пресметките ги вклучиле и средствата за патни трошоци, а тие никаде не влегуваат во плата, тоа е нешто друго. Нека кажат колку пари за патни трошоци во кеш земаат од касата. неодамна имаа патувања во Словенија и Хрватска и од каса беа подигнати три до четри илјади евра. Беа и во Франција, неброени пари подигаат од каса, а нам патните трошоци ни ги пресметуваат во плата, рече Димовски.
Машинскиот извршен персонал од 25-ти минатиот месец ја бојкотира работата во Железници и бараат да им се исплати вториот дел од платата за јули. Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје е во целосна државна сопственост.
-Бојкотот на работата значи дека доаѓаме на работа а не ги извршуваме нашите работни задачи и од 25-ти железничкиот сообраќај е во колапс. Бараме да ни се исплати вториот дел од платата за јули и бараме преговори и нам да ни се покачи коефицињентот за пресметка на плати, исто како што тие ги покачија своите, бидејќи ние сме тие што ги заработуваме парите во оваа фирма, рече Димовски.