Премиерот Андреј Пленковиќ денеска во хрватскиот Сабор најави дека Владата има намера до крајот на мандатот да ја зголеми просечната нето плата на 1.600 евра, а од Нова година минималната на 970 евра.

Платите, пензиите и достапните станови се приоритетите на Владата во следните четири години, нагласи премиерот при поднесувањето на Годишниот извештај за работата на Владата до хрватскиот Сабор.

Денеска во Кабинетот одлучивме бруто минималната плата од 1 јануари да биде 970 евра, да ја зголемиме за 130 евра, рече Пленковиќ, објаснувајќи дека на овој начин Владата им помага на оние кои имаат најмалку. Тој откри дека денес во Хрватска има сто илјади луѓе кои примаат минимална плата и додаде дека Владата по нејзина мерка сака нивните плати да бидат такви за да можат да водат подостоинствен живот.

Тој најави промена на формулата за усогласување на пензиите според формулата 85:15 според поповолен индекс на раст на платите и трошоците за живот.

Владата планира и дополнителни чекори напред во мерките за зајакнување на семејствата и поддршка на семејствата со деца. Ќе го зголемиме стажот на мајките од 6 месеци на 12 за секое родено или посвоено дете и ќе воведеме годишен додаток, прецизира премиерот.

Нова мерка што ќе се воведе од 1 јануари идната година е еднократните надоместоци за новородените деца да се зголемат за сто проценти, од 309 на 618 евра.