Шефот на бугарскиот тим од Комисијата за историски прашања Ангел Димитров пак денеска за бугарското Национално радио изјави дека нерешеното прашање меѓу С.Македонија и Бугарија не е само билатерален спор, туку и европски. Тој ги повика членовите на македонскиот тим правилно и објективно да ја информираат политичката елита во С.Македонија за работата на Комисијата.
– Само со правилна анализа можеме да стапнеме на солидна основа и да ја вратиме врската на крајна блискост, која во секој случај постои во семејните односи на многу луѓе од двете страни на границата, рече Димитров.
Каракачанов минатата недела изјави дека Македонија е неправедна кон Бугарија и дека официјална Софија може да ја блокира првата меѓувладина конференција со ЕУ, ако заедничката комисија на историчари не постигне согласност.
По изјавата на Каракачанов, се огласи и Андреј Ковачев, европратеник и член на партијата на премиерот Бојко Борисов.
Ковачев порача дека од потезите на официјално Скопје, зависи почетокот на преговорите со Европската Унија. Тој за бугарската новинска агенција БГНЕС, изјави дека во Македонија нема реална желба за напредок туку само декларстивни заложби од македонските политичари.
Македонскиот државен врв во повеќе наврати јавно го изнесуваше ставот дека не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговорите со ЕУ. Официјално Скопје очекува наскоро да биде објавена преговарачката рамка, а меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се случи до крајот на годинава.