Израел не сака мир со Палестинците, туку колонијална доминација, тврди Саеб Ерекат, генерален секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и главен палестински преговарач.
Кога Западниот Брег, Источен Ерусалим и делови од Појасот Газа беа окупирани пред 53 години, израелските власти знаеја дека треба да чекаат упорно и трпеливо за можноста да се легализира окупацијата, се наведува во текстот на израелскиот весник Хаарец.
Ерекат вели дека тоа е токму она што се случува денес, кога Израел со помош на САД води политика што би – де јуре – ја потврдила анексијата, што само ја потврдува ароганцијата на Израел и постојаната непослушност кон бројните резолуции на ОН.
Тоа ја вклучува Резолуцијата 242 на Советот за безбедност на ОН, донесена уште во ноември 1967 година, во која одземање територија со сила е прогласено за „неприфатливо“.
Полувековното систематско кршење на националните и човековите права на Палестинците е израелски тестамент, потврда за заложбата за колонијален експанзионизам, а не за постигнување на мирно решение со Палестинците, тврди Ерекат.
Тој наведува дека овој колонијален проект на Израел никогаш не бил замислен како привремено окупација на палестинската земја, за што инсистирала еврејската држава, туку како крајно присвојување на териториите населени од Палестинците.
Во тој контекст, додава тој, американско-израелскиот план е експлицитен доказ за тоа и претставува флагрантно кршење на фундаменталните принципи на меѓународното право и поредокот и е јасна потврда дека „мировната визија“ на сегашниот американски претседател Доналд Трамп не е ништо друго освен изговор за израелската окупација. Со неа на Палестинскиот народ му се ускратува единственото и право на самоопределување.
„Наскоро повеќе нема да биде можно да се прикријат или бранат израелските прекршувања на правата на палестинскиот народ, бидејќи тоа би го нарушило членот 2 од договорот на Израел со Европската унија, во кој јасно се наведува дека спроведувањето на договорот е условено од почитување на човековите права“, заклучи во коментар за Хааерц, генералниот секретар на ПЛО.