Тимот на Шкупи која е последна на табелата во ПМФЛ запиша нов пораз, сега од Арсими кој славеше со 3-0.

Тимот од Чегране уште од стартот наметнаа темпо и иницијатива, додека Шкупи повторно делуваше безидејно и безопасно. Резултатот беше отворен веќе во петтата минута, кога Селмани ја искористи првата посериозна можност и донесе водство за Арсими.

Контролата на теренот продолжи и во наредниот период, па по половина час игра Гафури зголеми на 2-0, навестувајќи дека бодовите ќе заминат кај гостите.

Дилемите беа решени на почетокот од второто полувреме, кога повторно Селмани се запиша во листата на стрелците и го постави конечниот резултат.

За Арсими ова е прва победа во вториот дел од сезоната, откако претходно беа поразени од Вардар и Брера, додека кризата на Шкупи кој има само еден освоен бод продолжи да тоне.

Екипата на Шкендија стигна до важна победа во Кратово, откако со гол во самиот финиш го совлада Силекс со 2-1 и не му дозволи на Вардар дополнително да се одлепи на врвот на табелата.

Гостите од Тетово први го зададоа ударот. Фабрис Тамба во 17. минута ја затресе мрежата и донесе предност за својот тим. Сепак, упорниот Силекс не се предаде – кратовчани возвратија во завршницата од првото полувреме, кога Бутуровиќ погоди за 1-1 и ја врати неизвесноста.

Во вториот дел домаќините беа поконкретни и поопасни, создадоа неколку зрели шанси, но реализацијата изостана. Казната стигна во 89. минута кога Зејнлауи со прецизен удар од дистанца го матираше противничкиот голман и се промовираше во херој на тетовци.

Со овие три бода, Шкендија останува во трката за титулата и повторно се доближи на шест бода до лидерот Вардар. Воедно, тимот направи исчекор и во однос на Струга, која викендов одигра нерешено, па избраниците на Беќири сега имаат три бода предност пред директниот ривал.