САД и Белорусија ќе воспостават целосно дипломатски односи и ќе разменат амбасадори повторно, објави денеска висок американски дипломат, кој е во посета на главниот град на Белорусија, Минск.
– Размената на амбасадорите ќе биде историски момент за обновување на дипломатските односи меѓу двете страни, рече помошникот на државниот секретар на САД за политички прашања Дејвид Хејл, по денешната средба со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Посетата на Белорусија од треторангираниот службеник на Стејт департментот на САД е за само три недели по посетата на Џон Болтон на Белорусија, кој тогаш беше советник за национална безбедност во Белата куќа. Односите меѓу Белорусија и САД се затегнати со години. Во 2007 година Вашингтон ја нарече Белорусија „последната диктатура во Европа“ и во 2008 година Минск побара американскиот амбасадор да ја напушти земјата и го отповика својот амбасадор од САД. Во 2009 година започна процесот на нормализација на односите.