Со вашето учество, ставивте и вие едно мало каменче за една помирна Европа, им порача министерот за образование и религија на Грција, Костас Гавроглу на учениците од средните училишта од општините Ресен, Преспа (Грција) и Пустец (Албанија) кои учествуваа на „Првите училишни игри во Преспа“ што викендов се одржаа во Лемос, Грција, јави МИА од Атина.
-Кога подоцна, за денешниот ден, ќе им говорите на вашите деца, ќе сфатите дека учествувавте во еден од малите чекори направени во историјата, рече грчкиот министер и додаде дека таквите иницијативи ги обединуваат народите во Европа и покажуваат дека „сме исти во нашата различност“, а тоа е најдобрата порака, „не само за мир и заемно разбирање, туку и за едно суштинско помирување на младите луѓе, особено поради тоа што меѓусебно се запознаваме“.
Според грчките медиуми, за време на свечената церемонија на затворањето на училишните игри, Гавроглу најавил формирање на мрежа на училишта од Преспа што ќе ги проучува темите поврзани со животната средина и културата „така што на следната средба да има конкретни теми за дискусија“.
Присутните го поздравиле со аплауз делот од говорот на грчкиот министер кога раскажал дел од разговорот со една ученичка од Ресен за време на прошетката на ридот што се наоѓа на граничната линија меѓу Грција и Северна Македонија.
-Ја видов како ја слика другата страна и на англиски ја прашав што точно слика и дали ѝ се допаѓа тоа што го гледа. Ми одговори „отсекогаш го сонував овој момент“. Ја прашав кој момент. „Јас од карши ве гледав и не знаев како е да нѐ гледате вие одовде“, рекол, Гавроглу, според грчките медиуми и додал дека овој дијалог со ученичката е порака за иднината.
На „Првите училишни игри во Преспа“ учествуваа околу 100 ученици од средните училишта од општините Ресен, Преспа (Грција) и Пустец (Албанија), се натпреваруваа во кошарка и трчање, а натпреварите имаа посебно значење бидејќи не беа меѓу државите, туку меѓу мешани тимови од трите земји.
Министерот за образование и религија на Грција проследил кошаркарски натпревар, а се сретнал и со градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски и градоначалникот на Пустец, Андон Јани
„Првите училишни игри во Преспа“ (1st Prespes School Games) се одржаа во селото Лемос, Грција, се по иницијатива на општина Преспа и средните училишта во Лемос, под покровителство на грчкото Министерство за образование, а со поддршка на програмата ИНТЕРЕГ „Балкан-Медитеран 2014-2020“ и програмата „ПолиПресла“.